И на вчерашните четврти по ред протести во Тирана, поради полициската бруталност, сцените беа слични на претходните вечери – полицијата одговори на разорниот марш на демонстрантите со солзавец и водени топови.
По маршот што започна од канцеларијата на албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, демонстрантите демолираа сообраќајни знаци и запалија контејнери за отпадоци, пренесува Топ ченел.
Полицијата реагираше со солзавец и водени топови, а меѓу насобраните беа забележани и голем број тинејџери.
„Ако нè убиете, ние ќе бидеме маченици, а вие ќе бидете предавници“, „Во Албанија моќта и неправдата се синоним“, беа дел од транспарентите што се истакнаа на протестот.
Демонстрантите и полицијата се судрија во центарот на Тирана во претходни три наврати, откако полицаец уби млад човек, Клодијан Расу, откако тој не одговори на повиците да запре поради кршење на полицискиот час.
Протести се одржаа и во некои делови на земјата, во некои беа мирни, додека во други имаше конфликти и материјална штета.
Фото: Твитер