Бугарскиот историчар Воин Божинов, кој е член на Бугарската академија на науките (БАН), порача дека од стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да постои како независна држава, бидејќи на тој начин се раскинува копнената врска помеѓу Србија и Грција, која во минатото секогаш ја задушувала Бугарија.
„Нашата дипломатија мора да има крајно рафинирани начини на дејствување. Од една страна, треба да ги заштити нашите национални интереси, а од друга, треба да покаже дека Република Северна Македонија има место во европското семејство со цел во неа да не започнат деструктивни процеси кои може да доведат до нејзино распаѓање. Нашиот генерален интерес е Република Северна Македонија да постои како независна држава бидејќи нејзиното присуство на картата ја раскинува копнената врска помеѓу Србите и Грците, што е наш голем интерес бидејќи тоа е граница што секогаш ја задушуваше Бугарија“, изјавил Божинов за Бугарското национално радио.
Меѓу другото, тој коментира и дека во Македонија постои антибугарска хистерија што, според него, покажува дека македонизмот не е само идеологија, туку ментална девијација.