20 милиони Американци ќе примат прва доза на вакцина до крајот на декември

од Vladimir Zorba

На вториот ден од масовната вакцинација против коронавирусот во САД, вакцините на „Фајзер“ и „Бајонтек“ пристигнаа во повеќе од 400 болници и други дистрибутивни центри.

За време на викендот, сојузната влада планира стотици испораки на вакцини кои се наоѓаат во пакувања со сув мраз, пренесува АП.

Првите три милиони вакцини се наменети за здравствените работници од првата линија на борбата против Ковид и корисниците на домови за стари лица.

Официјалните лица предвидуваат дека 20 милиони Американци ќе можат да ја примат првата доза на вакцина до крајот на декември и уште 30 милиони во јануари.

Овие проекции претпоставуваат претстојно издавање на одобрение за употреба на вакцината на „Модерна“.

Регулаторното тело во САД денес издаде позитивна проценка за втората вакцина против Ковид-19, произведена од американската компанија, што е на само чекор од дозволата за употреба.

Владата на САД нарача 100 милиони дози вакцина „Фајзер“ и уште 200 милиони дози „Модерна“.

Под претпоставка дека нема одложувања во производството и дистрибуцијата, тоа би било доволно за да се вакцинираат 150 милиони Американци до средината на 2021 година.

Слични содржини