Избрани се 31 тутор во рамки на целата земја за поддршка во учењето на учениците со попреченост, соопштија денес од Финдацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. Имено, овие тутори се избрани преку проектот насловен како „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
Овие тутори ќе работат инаку со децата со попреченост од прво и второ одделение кои се стипендисти на проектот. Во рамки на нивните работни задачи туторите директно ќе работат со децата со попреченост во насока на стекнување на работни навики и прилагодување кон барањата на наставниот односно предметно-часовниот систем. Тие ќе им помагаат на децата за остварување на целите на индивидуалниот образовен план, преку повторување на инструкциите, увежбување на зададените задачи и стекнување на бараните знаења и вештини по дадени напатствија и во соработка со наставникот и инклузивниот тим за ученикот. Освен тоа, туторите ќе им помагаат на децата и во развивање на социјалните вештини и комуникацијата со соучениците, наставниците и другиот персонал.
Пред да го стартуваат овој проект, туторите минаа обука која беше наменета за развивање на вештините кои се потребни за работа со учениците со попреченост
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан од Европската Унија.