Оваа година, АД Електрани на С.Македонија одлучи наместо подготовка за набавка на новогодишен материјал да донира средства во помош на Клиничките болници во Битола и Кичево.
„Конкретно, во АД ЕСМ имавме предвидено 3 милиони денари за рекламен материјал на ниво на целата компанија и тие средства сега ќе бидат донирани за обезбедување централен довод на кислород во модуларните болници за ковид пациенти кои се градат во Битола и во Кичево. Во Битолската болница комплексот ќе биде поголем и таму се насочуваат 2.400.000 денари, а во Кичевската болница потребата е 600 илјади денари“, посочи генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски на потпишувањето на договорите за донација.
Како што посочи Ковачевски, АД ЕСМ проценив дека во моментов здравството е тоа каде е најнеопходно да се помогне и ја искористи приликата да апелира сите општествено одговорни компании да го направат истото, согласно можностите затоа што сите тие во одреден момент имаат потреба од медицинска нега. Особено сега, кога секој еден граѓанин е загрозен.
Директорката на Клиничката болница во Битола д-р Билјана Гагачовска посочи дека помошта е добредојдена и претставува значаен поттик за сите државни и приватни компании за помош на здравството во овој период кој, како што рече, е тежок за сите. Гагачовска потенцираше дека Битолската болница ја има целосната поддршка од Владата, Министерството за здравство и од Општина Битола.
Директорот на Општата болница во Кичево д-р Станко Трпески изјави дека помошта доаѓа во вистински момент, со оглед на тоа што модуларната болница во Кичево веќе се поставува и дека ова е првпат да имаат централен довод на кислород во рамки на болницата.