Скоро пола од извозот во земјава е од компании што работат во ТИРЗ

од Vladimir Zorba
217 прегледи

Економските движења во индустриските зони и покрај кризата се со позитивни економски индикатори во однос на државно ниво, а вложените средства се враќаат покажува првичната анализа која ја претстави директорот на Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.

“Воведуваме нови механизми за отвореност и нови практики во функционирањето на ТИРЗ како најзначајна јавна институција за создавање на ефикасна бизнис клима во земјава. Ќе креираме политики врз база на бројки, а не бројки согласно политики. Целта ни е да видиме што добива државата за секое вложено евро и како да ја зголемиме додадената вредност на инвестициите, но и за луѓето кои работат таму“, изјави Деспотовски.

Бројките покажуваат дека компаниите кои работат во ТИР зоните се носители на извозот во земјава. Само во изминатите 10 месеци оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарди евра и сочинуваат 45% од вкупниот извоз на државата. Вкупниот извоз во државата, како последица на кризата е опаднат за 13%, но во индустриските зони е значително помал и изнесува 9%.

Зголемено е и учеството во вкупниот увоз на компаниите од зоните кое годинава е речиси 28%, и покрај севкупниот пад на увозот. Особено голема разлика има во однос на нето извозот – индустриските зони имаат позитива од 21%, додека вкупниот нето извоз во државава е во пад од над 23%. Над 70% од компаниите се профитабилни со пораст на приходите од 8,3%, а расте и нивната уплата во државниот буџет.

“Оваа своевидна економија во економија мора да ја мобилизираме да генерира уште поголема додадена вредност. Веќе имаме речиси 49% годишен пораст на позитивната разлика од она што тие го враќаат во буџетот и исплатената државна помош само од ТИРЗ, без Агенцијата за странски инвестиции и царинските ослободувања“, рече Деспотовски.

Во моментов во компаниите во зоните работат над 14.000 лица, но анализата покажува дека иако изминатата година има пораст од 5,9% на бруто платите, сепак компаниите во зоните исплаќаат 5,5% пониска бруто плата во однос на просечната плата во земјава.

“Зголемување на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30% до 50% до 2024 година ни е еден од приоритетите кои си ги поставивме во програмата за работа на ТИРЗ. Ќе креираме посебни државни програми и мерки со кои ќе ги поттикнеме компаниите да исплаќаат повисоки плати и да привлечеме инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места“, најави Деспотовски.

Странските инвестиции остануваат во фокусот, но целта е да се привлечат и македонските компании за да се вклучат во глобалните вредносни синџири. ТИРЗ ќе работи и на развој на нови иницијативи во делот на привлекување приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите.

Деспотовски најави и рационализација на државни институции во делот на привлекување на странски инвестиции и нивно спојување.

“Верувам дека со ова ќе постигнеме уште поголеми успеси од досегашните и ќе поставиме нови стандарди и практики во создавање на ефикасна бизнис клима и за развој на македонската економија, со цел Северна Македонија да прерасне во меѓународен бизнис центар на Југоисточна Европа,“ рече Деспотовски.

Слични содржини