За време на големиот кибер напад во САД, што американската страна и го припишува на Русија, хакерите успеаја да украдат важни информации од американските бизнис кругови и власти, рече избраниот претседател на САД, Џо Бајден, за време на прес-конференција во Делавер. Тој посочи дека сегашната администрација не успеа да ја преземе контролата над ситуацијата, што тој ќе мора да го стори.
„Тој напад беше внимателно испланиран и извршен. Оние кои го извршија нападот успеаја да ги фатат федералните власти неподготвени“, додаде Бајден.
Според него, „хакерите украле важни информации од американскиот технолошки сектор, приватниот бизнис и американските владини оддели“.
„Имаше голем напад насочен против американските оддели, иако сè уште не знаеме многу, знаеме една работа – тоа претставува голем ризик за нашата национална безбедност“, рече тој.
Бајден исто така привлече внимание на тврдењата на претставниците на сегашната американска администрација дека Русија наводно била вмешана во нападот.
Посочи дека сегашната администрација не успеала да ја преземе контролата над ситуацијата, што тој ќе мора да го стори. Во исто време, тој додаде дека администрацијата на Доналд Трамп треба да објави кој стои зад масовниот кибер-напад.
Бајден вети дека Вашингтон ќе преземе мерки во врска со сајбер нападот.
„Мислам дека кога ќе дознаам колкава е штетата и кој е официјално одговорен за сајбер нападот, тие можат да бидат сигурни дека ќе одговориме. Можеби, на ист начин. Постојат многу можности за кои сега нема да зборувам“, рече Бајден.
Нападите што им се припишуваат на руските хакери за првпат беа објавени на 14 декември. Тие, наводно, го нападнале американското Министерство за домашна безбедност и добиле пристап до внатрешните комуникации во одделот. Нападот беше дел од кампањата во која беа хакирани Министерството за финансии на САД и Националната администрација за телекомуникации и информации.