Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан му се заблагодари на руското Министерство за надворешни работи за препораката да се вакцинираат со вакцината против корона „Спутник V“ развиена во Русија, но рече дека тој нема да го стори тоа, напиша на Твитер аташето на американската амбасада во Русија – Ребека Рос.
„Амбасадорот Саливан му се заблагодарува на руското Министерство за надворешни работи за предлогот за вакцинирање, но тој не би сакал да земе доза на „Спутник V“ наменета за руски државјанин“, напиша Росова.
Таа изрази задоволство што досега се одобрени две американски вакцини и веќе помагаат во борбата против Ковид-19 низ целиот свет.
Претходно, на Фејсбук страницата на американската дипломатска мисија беше објавена фотографија од писмото на Саливан, на кое дипломатот признава дека во изминатата година „се однесувал многу добро, носел маска, се држел на дистанца“ и од Дедо Мраз побарал вакцина против коронавирус, нов стап за хокеј и патики за трчање, пренесува Спутник.
Руското Министерство за надворешни работи одговори на писмото на Саливан на својот профил на Твитер, во кое се вели дека, ако американскиот Дедо Мраз сè уште не ги исполнил желбите на американскиот дипломат, Дедо Мраз има подароци за него.
Министерството потсети дека руската вакцина „Спутник V“ доби одобрение за употреба кај лица постари од 60 години.