Потпишан договор помеѓу министерката за труд и социјална политика и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска врзан за изградбата на нови, односно проширување на веќе постоечките објекти за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.
Како што се навестува во договорот, ќе се гради во Битола детска градинка која ќе има капацитет од 152 деца, кои ќе бидат поделени во 8 воспитни групи, информираше министерката Шахпаска.
„Продолжуваме со политиките за отворање на нови места за децата од предучилишно образование кое претставува прв чекор со кој дечињата влегуваат во системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики за животот, почнувааат да учат за социјалните контакти, да бидат воспитувани од страна на компетентни професионалци воспитувачи и негуватели. На тој начин понатаму подготвени, продолжуваат преку основното образование во текот на нивниот живот. Досега, од 29. август со доаѓањето на оваа гарнитура на влада, отворени се шест детски градинки со капацитет од 416 места, финишираат уште четири детски градинки кои ќе бидат пуштени во првата половина на месец јануари со 200 места, а следната година продолжуваме со изградба на 15 нови детски градинки кои ќе опфатат 1.900 деца. Тоа значи дека сериозно се движиме кон нашето изборно ветување, до крајот на мандатот да отвориме дополнителни 7.500 места за сместување на деца од предучилишна возраст“, истакна Шахпаска.
Петровска исто така, потврди дека капиталните инвестиции во градот се реализираат со поддршка и взаемна соработка меѓу локалната и националната власт, а обезбедените средства се наочуваат во како што рече исклучително значајни области за граѓаните.
„Долго време Битола се бореше со листите за чекање во детските градинки, а денес потпишавме Договор со Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова детска градинка која ќе биде лицирана во близина на ОУ „Св.Климент Охридски“ во Битола. Во меѓувреме како општина склучивме договор за изградба на уште една детска градинка која ќе биде лоцирана во населбата што се гради во поранешната касарна. Новата детска градина во тој дел на градот ќе биде со капацитет за 250 дечиња, но исто така сакам да нагласам дека проектната документација за адаптација на просториите во поранешниот Дом за доенчиња во детска градинка е во тек“, потенцираше градоначалничката Петровска.
Министерката Шахпаска за време на посетата во Битола од Петровска беше информирана и за други актуелности и можности за соработки кои во иднина ќе ги реализираат локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика.