Руската затворска администрација во понеделникот му постави ултиматум на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, да се врати во Русија од Германија и да се јави во канцеларијата во Москва до вторникот наутро, во спротивно, тој ќе ја отслужи затворска казна.
Навални, еден од водечките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше пренесен во Германија на лекување во август откако му се слоши на летот меѓу два руски града, по, според Германија и другите западни нации, труење со „Новичок“.
Русија тврди дека нема докази дека дисидентот е отруен и негира дека е поврзана со тој чин, пренесе Ројтерс.
Руската управа за затвори (ФСИН) во понеделникот го обвини Навални за кршење на условната казна што сè уште ја издржува поради пресуда од 2014 година и за заобиколување на надзорот на руските власти.
ФСИН цитира статија во британското медицинско списание „Лансет“ за неговото лекување, во кое се наведува дека Навални бил пуштен од болница во Берлин на 20 септември и дека сите симптоми на труење исчезнале на 12 октомври.
„Затоа, тој осуденик не ги исполнува сите судски обврски и избегнува надзор на кривичниот инспекторат“, тврди руската институција.
Навални издржува условна казна од три и пол години за случајот измама за кој тврди дека е политички прогон.
ФСИН соопшти дека го повикала Навални да се јави кај властите и дека условната казна може да стане затворска казна доколку ги прекрши условите на пресудата.
Институцијата не даде рок, но Навални објави порака добиена од неговиот адвокат, во која се вели дека тој мора да се јави во Москва до вторник до 9 часот наутро.
Неговата портпаролка Кира Јармиш на Твитер напиша дека е невозможно Навални да се врати во тој рок бидејќи тој се уште се опоравувал од труењето, а ФСИН го обвини за постапување по наредба на Кремљ.