Шпанија ќе создаде регистар на луѓе кои одбиваат да се вакцинираат против коронавирус и ќе го сподели со другите земји на ЕУ, објави министерот за здравство Салвадор Ила, додавајќи дека списокот нема да биде објавен во јавноста.
Министерот за здравство во Шпанија рече дека ќе ја добиеме пандемијата со тоа што „сите ќе се вакцинираме – колку повеќе, толку подобро“.
Шпанија, потсетува Би-Би-Си, е една од земјите на ЕУ која е најтешко погодена од епидемијата и во моментов е во фаза на вакцинирање на населението со вакцината Фајзер, што минатата недела беше одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Ила вчера даде интервју за телевизијата Ла Секста, нагласувајќи дека вакцинацијата нема да биде задолжителна.
„Но, ќе воспоставиме регистар што ќе го споделиме со нашите европски партнери … оние на кои им е понудена вакцината и кои ја одбиле“, рече Ила.
„Ова е документ што нема да биде објавен во јавноста, големо внимание ќе се посвети на личните податоци“, додаде министерот.
„Регистарот ќе ги наведе луѓето на кои им е понудена вакцината и кои ја одбиле од која било причина … така, нема да имаме системски грешки, односно не може да се каже дека не ја понудивме вакцината на тоа лице“, објасни Ила.
Според неодамнешното истражување, процентот на Шпанци кои изјавиле дека ќе ја одбијат вакцината во ноември паднало од 47 на 28%.
Министерот рече дека локалните власти ќе им се обратат на граѓаните кога ќе дојде ред да се вакцинираат.
“Луѓето кои одбиваат вакцина, за што сметаме дека е лоша идеја, имаат право на тоа. Ние сакаме да ги решиме сите сомнежи. Вакцинацијата спасува животи, тоа е патот до крајот на пандемијата”, рече Ила.
Бројот на луѓе кои починаа од ефектите на ковид-19 во Шпанија надмина 50.000 вчера, а земјата забележа повеќе од 1,8 милиони заразени за време на пандемијата.
Во Шпанија, за потсетување, владее полициски час кој е на сила од 23 до 6 часот наутро. Во многу региони, на луѓето им е дозволено да излегуваат само за да одат на работа, да земаат лекови или да се грижат за деца и стари лица, пренесува Индекс.