По нападот на следбениците на американскиот претседател Доналд Трамп врз Капитол, центарот на највисоката законодавна власт во САД, во Германија се разви дебата за потенцијална опасност од закана за уставниот поредок од десничарите и противниците на противпандемиските мерки.
„Ние во Германија не само што мора да ја подобриме безбедноста околу важните демократски институции, туку и со многу внимание мора да ги набљудуваме секташките движења како Queerdenker и сличните на нив, кои се спротивставуваат на противпандемиските мерки“, рече Баварскиот претседател Маркус Содер (Христијанско-социјалната унија, ЦСУ) за дневниот весник Welt am Sonntag.
Тој изрази страв дека „злите зборови може да доведат до зли дела“, па дури и формирање на терористички групи како РАФ во 70-тите години на минатиот век
„Поголемите групи можат да ги искристализираат помалите групи за да формираат тврдо јадро и на крајот терористичка ќелија“, рече Содер.
Тој потсети дека минатото лето, насилните демонстранти против владините мерки против ширењето на пандемијата се обидоа да влезат во зградата на Рајхштагот. Дел од сторителите припаѓале на таканареченото движење Граѓани на Рајхот кои не го признаваат уставниот поредок на Сојузна Република Германија.
Во ноември, некои пратеници беа нападнати од гости во Бундестагот поканети од десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (АфД).
Потпретседателот на Бундестагот Волфганг Кубицки рече дека сцените како оние од Капитол во Вашингтон се „невозможни“ во Германија поради безбедносниот систем со кој е опремена зградата на Рајхштагот.