Еден од доајените на македонската народна музика Ѓоко Дончев ненадејно почина вчера во Скопје, соопшти денеска неговото семејство.
Дончев беше активен на сцената повеќе од 25 години и со своите песни ја одбележа златната ера во македонската фолк музика. Во текот на неговата плодна музичка кариера соработуваше со најдобрите изведувачи и композитори и испеа дел од најубавите македонски фолк песни. Во македонската народна музика остави длабока трага со своите безвременски хитови, како легендарните „Чуј ги куме свирачите“, „Сношти Кате“, „О доме мој“ и многу други.
Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Освен како исклучителен во музиката, семејството, пријателите и колегите ќе го паметат како посебно харизматичен и ведар.
Погребот ќе се одржи утре на градските гробишта во Бутел во Скопје.