Што ќе се случи со нуклеарниот куфер?

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп денес нема да биде на инаугурацијата на Џо Бајден.

Неговото отсуство ќе има влијание врз еден од најважните детали на денот на инаугурацијата – предавањето на нуклеарниот куфер на новиот шеф на Белата куќа.

Официјално, нема објаснување за тоа како Трамп ќе го предаде нуклеарниот куфер на Бајден, кој му служи на американскиот претседател за да може да лансира нуклеарни ракети во секое време, а го носи воен соработник, кој мора постојано да биде со претседателот.

Обично, куферот се предаваше на друг воен соработник кој стои покрај новоизбраниот претседател на инаугурацијата, во овој случај Бајден, додека дава заклетва, објаснува Си-Ен-Ен.

Но, денес, размената ќе се случи малку поинаку од вообичаеното, бидејќи Трамп ќе замине на Флорида.

Се верува дека нуклеарниот куфер ќе биде со него цело време, велат експертите, што значи дека ќе има најмалку два куфери на различни локации.

Повремениот автор на „Атомски научници“, Стивен Шварц, објасни како стојат работите.

„Постојат најмалку три, евентуално четири идентични куфери. Едниот оди со сегашниот претседател, другиот е со потпретседателот, а третиот традиционално е покрај личноста наменета да преживее важни настани, како што е инаугурацијата. Денес, еден куфер ќе биде надвор од градот, што значи дека само куферот на потпретседателот Пенс ќе биде во Вашингтон, освен ако воената канцеларија на Белата куќа не подготви еден за Бајден“, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Кодовите за активирање на куферот на Трамп ќе важат до 11.59 часот по локално време, по што ќе бидат исклучени.

„Според 20-тиот амандман, Доналд Трамп е претседател до 11:59:59 часот и дотогаш има законско овластување да го користи нуклеарниот арсенал. Ако помошникот го придружува на Флорида, помошникот ќе мора да го напушти Трамп напладне и да се врати во Вашингтон, со куферот“, објасни Шварц.

Во меѓувреме, Бајден ќе го добие својот „бисквит“ (пластична картичка со шифри за нуклеарен напад) веројатно рано наутро, пред инаугурацијата, како и потпретседателот Камала Харис, кои ќе биде информирани за постапката за започнување нуклеарен напад, но нивните кодови нема да бидат активни до пладне.

Слични содржини