Не е утврдено присуство на новиот сојо на коронавирусот од Велика Британија во земјава, соопштија од Министерството за здравство.
Од лабараторијата во МАНУ, информираат дека овие податоци се базираат на анализата на преку 180. вируси кои се пронајдени кај пациентите од С.Македонија од јуни изминатата година, до 11. јануари годинава.
Инаку, во МАНУ се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со Ковид-19 од државава со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста.
Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од државата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75 отсто од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн) има стабилна фрекфенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти.
Ова зголемување кај B.1.1.70 сојот корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со Ковид-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од месец ноември наваму во нашата земја. Истиот во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска. И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемилошките податоци за стивнување на епидемијата во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност, ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените, се вели во соопштението.