Владата ја донесе и Програмата за економски реформи 2021 – 2023 година, која како обврска е и дел од реформите согласно евроинтеграцискиот процес, а министерот за финансии е задолжен да ја достави до Европската комисија до 31-ви јануари 2021 година.
-Програмата за економски реформи содржи макроекономски проекции, план на Буџетот за наредни три години, 15 до 20 структурни реформи кои најмногу влијаат на економскиот раст како што се реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.
На денешната седница на Владата се донесени дополнителни одлуки за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година во износ од 40.000.000 денари на Општина Дојран, за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Езеро и 40.000.000 денари на Општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанско Езеро.
Членовите на Владата на денешната седница ја одобрија Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 година на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во делот на инвестициите оваа година има буџет повисок за 4.000.000.000 денари во однос на минатата година, соопштија од Влада.