Вирусот ХИВ најверојатно се пренел од шимпанза на луѓе поради невнимание на гладен војник од Првата светска војна, кој бил принуден да лови животни за да преживее, изјави канадскиот микробиолог Жак Пепен.
Непознатиот нулта пациент бил дел од инвазијата на 1.600 белгиски и француски војници, кои патувале со 4.000 соборци од Леополдвил, тогашно белгиско Конго, во оддалечена база во Камерун, рече Пепен, кој работел како лекар во централна Африка во осумдесеттите години, пренесува „Њујорк пост“.
Пепен, професор на Катедрата за микробиологија и инфективни болести на Универзитетот во Шербрук во Квебек, претстави интересна хипотеза во новото издание на неговата книга „Почетоците на сидата“.
Нулта пациентот најверојатно бил повреден по убиството на еден вид шимпанзо, кој бил заразен со сличен вирус, кој бил претходник на ХИВ, и што предизвикува СИДА, напиша Пепен во една статија во универзитетот Кембриџ.
Во првото издание на книгата од 2011 година, Пепен првично рече дека ХИВ преминал од шимпанзата на луѓето откако повреден африкански ловец убил едно од животните во 1921 година, а потоа се заразил.
Пепен тогаш објасни дека ХИВ продолжува да се шири низ целиот свет „преку колонизација, проституција и кампањи за јавно здравје на кои им недостасуваат вообичаени безбедносни протоколи, како што е забраната за споделување игли“.
Сепак, во второто издание, објавено овој месец, Пепен се потпира на истражување во медицинските архиви во Африка и Европа, сугерирајќи дека нулта пациентот не бил ловец, туку гладен војник од Првата светска војна, кој бил принуден да лови шимпанза за храна, откако неговиот полк се заглавил во оддалечена шума околу Молунду во Камерун и останал без залихи на храна, пренесуваат странските медиуми.