Институциите имаат капацитет, но немаат волја за решавање на случаите како „Јавна соба“

844 прегледи

Актуелизирањето на „Јавна соба“ повторно ја „разбуди“ јавноста, како и се почестите исповеди од страна на девојки жртви на сексуално вознемирување, кои инспирирани од Ана, која ја раскажа голготата низ која минувала, се чини собраа храброст да го споделат своето непријатно искуство. Министерството за внатрешни работи постапува по случајот, и досега приведе четири лица.

„Ми значи поддршката од луѓето, ми пишаа многумина и од земјава, но и луѓе кои живеат во САД или низ европските држави. Со таа поддршка гледаме дека не сум само јас, туку на многу луѓе веќе им е доста од вакви случувања“, посочи  Ана за „Локално“, додавајќи дека случајот го пријавила во полиција, но оттаму ѝ одговориле дека не може да ја заштитат бидејќи е полнолетна, па добила совети правдата да ја бара по приватен пат преку адвокати.

Од приказната на Ана, па се до организација на протестниот марш „Јавна соба не е кривично дело“,  информациите не стивнуваат. Оттаму покрај храбрите девојки, по однос на ова прашање постапија и граѓанските и невладините организации, кои се истомисленици дека ова треба да сопре, а институциите брзо да постапуваат по ваквите немили настани, со цел правдата да биде задоволена, и да не се дозволи да се појават храбри личности кои би ги повторувале овие злодела.

Хелсиншки комитет – институциите мора да постапуваат по ваквите случаи

„Сведоштвата на жртвите, дали анонимни, дали не, мора да ги поттикнат институциите да си ја работат работата. Тие всушност не треба да преземат повеќе ингерции, туку тие се единствени кои ги имаат токму потребните иггеренции за системски и сеопфатно да го решат проблемот на сексуално вознемирување и насилство“, посочија во разговор за „Локално“ од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Оттаму потенцираат и дека колку и да сме незадоволни од одговорот на институциите, не смеат да се обесхрабрат жртвите да го пријавуваат насилството. Додаваат и дека во тој случај доаѓаме до состојба во која жртвите живеат во траума и немаат задоволена правда зад себе, сами водат истраги и се заштитуваат или насилството го пријавуваат во невладините организации. И иако се тука за помош, од Хелсиншки апелираат да се побара бесплатна правна помош каде и да се нуди, но велат, оние кои на случајот треба да му стават крај се сепак институциите.

„Во ситуации на опасност и примарна заштита во функција е и апликацијата за пријавување на насилство „Биди безбедна“, која содржи и информации за тоа каде се’ може да се обратат жртвите, вклучувајќи ги и граѓанските организации кои пружаат поддршка за жртви на родово базирано насилство“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во таа насока, за тоа со какви проблеми се соочуваат жртвите, од Хелсиншки велат дека проблемите се меѓубројни, но ја истакнаа двојната виктимизација, која се случува од ниво на блиски социјални/семејни кругови, до ниво на институции и мора огромен фокус да се даде на „одучување“ на овој феномен на општествено ниво. Жртвата никогаш не е виновна, велат од Хелсиншки, без разлика каков животен стил има, како била облечена, дали пиела, како зборувала и слично. Ваков тип на одговори претставуваат релативизирање на насилство и заземања на страна на сексуалните предатори и насилници.

Доколку жртвата пријави (или планира да пријави) насилство и се соочува со закани, мора тоа веднаш да го пријави, за полицијата да може соодветно да ја заштити од насилникот, даваат насока од Комитетот.  Доколку се плаши да пријави, велат може повторно да се јави во организациите и центрите кои работат со жртви и да побара помош

По сведочењето на жртвите, следеа низа невкусни коментари од типот: „Самa си го барала…Не си жртва штом си се сликала со танга“ и тоа каква е потребата на луѓето јавно да критикуваат од Хелсиншки велат: „Потребата, дали јавно или приватно, едноставно доаѓа од општествено прифатената мизогина идеја дека доколку жените не се однесуваат согласното тесната рамка на „дозволено“ и „пожелно“ однесување, таа заслужува и дури сама си го повикала насилството. Аналогијата е дека доколку носиш рачен часовник сам си виновен ако некој ти го дрпне од рака и практично јавниот фокус се врти од насилникот, кон жртвата. Сексуалното насилство е веројатно единственото кривично дело каде жртвата се обвинува дека таа е виновна за нешто што и направил некој друг.“

Важно е да се напомене и дека имајќи предвид дека многу често сме придружба на жртвите пред судовите, центрите за социјална работа, полициските станици итн. службените лица имаат значително поинаков пристап кон жртвите кога сме присутни и ние, за разлика од кога жртвите сами го пријавуваат насилството што секако, не смее да биде така, посочуват од Хелсиншки.

Коалиција Маргини: Институциите имаат можности и капацитети, но немаат волја

„Притисокот од јавноста веќе вроди со плод. Имено, повеќе од една година институциите на системот изразуваа наводна немоќ во справување со овој криминал, а со избивање повторно на скандалот видовме дека за 48 часа веќе се идентификувани и приведени двајца осомничени. Тоа јасно укажува на она што одмна го знаевме- се‘ се може кога се сака. Со други зборови, инситуциите имаат можности и капацитети, но немаат волја. Да одговорам конкретно на прашањето- да, сведоштвата на жртвите и притисокот на јавноста ги поттикнува институциите да почнат да си ја вршат својата работа, но тоа е многу лош знак. Ако за едно кривично дело кое опфаќа стотина жртви мора јавноста да се вознемири, жртвите да се трауматизираат и мораат со јавноста да ја споделуваат својата траума за тие да почнат да работат, тогаш нешто е опасно труло во нашиот систем. Институциите требаше да го решат случајот без многу помпа и спектакли, да ја задоволат правдата за жртвите и да ги санкционираат злосторниците, а со тоа да демотивираат идни вакви кривични дела“, вели Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини за „Локлано“.

Посочува дека во ваквите случаи жртвите треба да знаат дека со секој вербален акт и доказ кој го поседуваат, може да посетат невладина организација која ќе им понуди бесплатна правна помош, или сами да одат и на тој начин да го пријават случајот во полиција. Како што вели Цветковиќ, се почесто се случува жртвите да бидат погрешно насочени од страна на полицијата и тоа, како што вели, мора итно да сопре.

„Сексуалното вознемирување и заштитата на лични податоци се однесуваат и на полнолетни и на малолетни лица и возраста и развојот на интернетот не треба да влијае во постапувањето. Жртвите мора да инситираат на записник во полиција, и да побараат копија од истиот. Понатаму, полицијата заедно со јавното обвинителство треба да отворат истрага. Некои невладини организации нудат и правна помош за овие случаи“, истакна таа.

На прашањето со кои проблем најчесто се соочуваат жртвите кога ќе сакаат да го пријават случајот, од таа вели дека тоа е „игнорантскиот однос на полицијата, неразбирањето на сериозноста на овие кривични дела, мрзеливост и непостапување“, а во некои случаи има индиции и за заштита на насилници кои се блиски со одредени структури.

„Проблемите на жртвите можат да бидат институционални, но и психолошки. Чувството на вина е многу типично за жртвите, а игнорантскиот однос на институциите го засилува ова чувство. Некои од девојките со кои ние разговаравме во Коалиција Маргини споделија сериозни психолошки проблеми како нарушен апетит и сон, депресија и анксиозност, повлекување и значително намалување на социјалните контакти. Ова укажува на горчливиот факт дека жртвите не само што страдаат во самиот акт на насилство или вознемирување, туку страдаат понатаму и во процесот на институционално решавање на случаите. Би се задржале кратко и на скандалот кој се случи летото во 2020, односно појавувањето на нова група со наслов „ГевгелијаХаб“ на која беа споделувани материјали од девојки од Гевгелија и околината. И во овој случај имавме пријава до полиција и јавно обвинителство, но од јули до денес ништо не е направено. За мене, овој факт е поразителен и многу мачен, особено што во овој случај познат е и сторителот“, посочи Цветковиќ од Маргини за „Локално“.

Во однос на заштитата на жртвите од заканите,  од Коалицијата сметаат дека казната, односно изрекувањето на санкции за сторителите е најсилен механизам за ваквите случаи во иднина. Но и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во светот се покажа како најсистемски начин на превенција на сексуално вознемирување, особено преку системско градење на капацитети на младите за препознавање на ризикот и справување со истиот, смета извршната директорка на Коалиција Маргини.

Во однос на критиките пак, од типот сама си го барала, како се сликала итн, Цветковиќ вели дека сепак, според статистиката, нашето општество забележува прогрес во однос на овие ставови. Секако исклучоци има, вели,  и секогаш ќе има. Коментари од овој тип резултираат со одржување на оваа нееднаквост и ги охрабруваат вознемирувачите уверувајќи ги дека жените се виновни за се‘ што им се случува, додаде таа.

„ Жртвите не се плашат само од заканите, туку и од реакцијата на родителите и општеството“

Психологот Кристина Диздаревиќ за „Локално“ посочи дека искрено се надева дека ќе се слушне гласот на сите жртви и дека ќе се превземе нешто што поскоро, затоа тоа што тој што не почувствувал на своја кожа, не знае како му е на другиот.

„Така да, ова нека биде и апел што побрзо да се реагира од страна на институциите. Ако ме прашувате како тренер по џудо тогаш би рекла: „Ајде сите девојки во сала да учат самоодбрана, но како психолог, несомнено е дека во ваквите ситуации треба веднаш да се побара помош“, истакнува психологот.

Според Диздаревиќ, најчесто жртвите не се плашат само од заканите, туку и од „реакциите на родителите и општеството“, што е се уште, може да се каже во овој поглед, конзервативно.

За тоа како жртвите да се заштитат од заканите, психолот Диздаревиќ посочува дека според нејзиното искуство, најдобрата одлука е пријава во полиција, но постојат и други решенија, доколку полицијата не постапи по пријавата на жртвата.

Во рамки на невкусните коментари, кои се појавија на социјалните мрежи, Диздаревиќ има јасен став.

„Прво да расчистиме едно, секој облекува тоа што му душа сака и во тоа што се чувствува удобно. Јас секогаш им велам на своите пријателки , мојот вкус и вашиот не мора , а и не може да се исти, но тоа не значи дека вие во моите очи или јас во вашите сме си помалку вредни.

И во однос на тоа, муабетите т.е јавното критикување е најчесто од личности што имаат ниска самодоверба и чија цел е само да учествуваат во било каков разговор“, посочи таа.

За потсетување, случајот „Јавна соба“ беше актуелен пред една година, кога беше и откриен, но тогаш речиси и да немаше разврска. Но, новото „будење“, предизвика навистина значителни чекори и од институциите и од жртвите кои се тука да покажат и докажат дека законот мора да ги стигне сторителите. На големо се бараат и други организатори и лица поврзани со овој случај, а неодамна Министерството за внатрешни работи, како и премиерот Заев упатија порака до „Телеграм“, од кој се побара бришење на групата и внимателност истото да не се повтори.

А.В.

Слични содржини