Симовски: Процесот на попис ќе биде врз основа на дневно информирање за лица заразени од КОВИД-19 или пак кои се наоѓаат во задолжителна изолација

249 прегледи

Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски и заменик-директорот Илми Селмани денеска на прес-конференција, која се одржа онлајн, преку зум апликацијата информираа за Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021, која има за цел обезбедување единствени принципи за организирање на попишувањето и единствена примена на методолошките основи при попишувањето.

Во Пописот, за кој беше нагласено дека при сите процедури ќе бидат најстрого почитувани здравствените протоколи од Министерството за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести  освен Државниот завод за статистика, учествуваат и Советот за статистика, 150 државни инструктори, 500 реонски инспектори и 5.500 реонски попишувачи.

Директорот Симовски, објасни дека целиот процес на Попис ќе биде врз основа на дневно информирање за лица заразени од КОВИД-19 или пак кои се наоѓаат во задолжителна изолација и таа постапка ќе се оствари со посебни здравствени протоколи, кои се максимално безбедни за попишувачите и останатите граѓани.

Пред официјалниот почеток на Пописот од 1-15 март ќе биде остварено попишување на посебни категории лица и тоа: воениот персонал во странски и објекти во државата во рамки на Министерството за одбрана; како дел од Министерството за правда ќе се попишат казнено-поправните институции; лицата без документација со учество на Министерството за труд и социјална политика и со помош на Министерството за надворешни работи ќе се попишат нашите дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Самопопишување/саморегистрација на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот живеат /престојуваат во странство ќе се врши од 1 април до 21 април по пат на самопопишување преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на ДЗС, или според законските норми нив може да ги попишат лица кои добро ги познаваат и ги имаат сите потребни податоци за нив. При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци.

Одговарајќи на новинарски прашања директорот Симовски апелираше сите граѓани да земат учество во Пописот поради тоа што оваа сериозна операција ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, кои се од интерес за сите граѓани.

 

Слични содржини