Фејсбук и понатаму заработува од антиваксерите

од Vladimir Zorba
201 прегледи

И покрај најавата дека ќе ги отстранат сметките со теориите на заговор за Ковид-19, истражувачки новинари пронајдоа 430 страници на оваа социјална мрежа кои шират лажни информации.

Бирото за истражувачко новинарство, организација со седиште во Лондон, откри 430 страници со вкупно 45 милиони следбеници кои користат алатки на Фејсбук за монетизација и поставуваат дезинформации за Ковид-19 или вакцинација, пишува „Гардијан“.

Фејсбук зема провизија од некои, на некои не, но сигурно заработува на вакви објави, затоа што поставува реклами за корисниците кои ги читаат и споделуваат.

Од 430 спорни страници, повеќе од 260 објавиле дезинформации за вакцините. Други споделија лаги за пандемијата и вакцините воопшто.

„Ајкан“, една од водечките американски организации за борба против вакцинацијата, го има каналот „Хајвајер“, кој беше отстранет и од Фејсбук и од ЈуТјуб поради ширење невистини. И покрај тоа, Фејсбук дозволува „Ајкан“ да собира пари преку својата страница, која има 44.000 следбеници и најмалку две објави обележани како лажни.

Организацијата може да се пофали дека собрала 27.000 евра преку Фејсбук од минатиот февруари досега.

Критичарите велат дека потенцијалот за заработка придонесува за ширење на дезинформации. Овие луѓе навистина веруваат во работите што ги „проповедаат“, и кога ќе сфатат дека повеќе долари им капнуваат на сметка доколку повеќе луѓе ги видат најавите, добиваат уште поголема мотивација за ширење на приказната.

Во септември, Светската здравствена организација и УНЕСКО оценија дека дезинформациите на Интернет ги поткопуваат глобалните мерки за контрола на пандемијата.

Слични содржини