Украина официјално забрани регистрација на руски вакцини за коронавирус, објави EurActiv.com, повикувајќи се на владин декрет.
Украина значително заостанува зад другите европски земји, вкл. и оние надвор од Европската унија (ЕУ) со својата програма за вакцинација, иако коронавирусот зарази повеќе од 1,25 милиони Украинци и уби 10.934 до 10 февруари.
Украинските власти постојано изјавуваат дека земјата нема да користи руски вакцини, како што е Спутник V, нарекувајќи ги „руско хибридно оружје против Украина“.
Киев и Москва се во конфликт откако Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година и го разгори конфликтот во источна Украина.
„Регистрацијата на вакцини … произведени во земја признаена од украинскиот парламент како агресор држава, е забранета“, се вели во указот.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела изјави дека Киев обезбедил 20 милиони дози вакцини од Индискиот серумски институт и глобалната шема КОВАКС. Владата се надева дека ќе ја започне програмата за вакцинација во средината на февруари.
Сепак, населението на земјата е 41 милион и договорените вакцини се крајно недоволни.
Во декември, Украина договори 1,9 милиони дози од кинеската компанија „Синовак биотек“ по цена од 18 долари за доза. Украина, исто така, очекува да добие 1,2 милиони дози вакцина АстраЗенека од Полска.
Украинските истражители започнаа да проверуваат дали Владата купила вакцини по надуени цени. Министерот за здравство Максим Степанов во средата рече дека владата е отворена и транспарентна во врска со јавните набавки.