Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот! – е пораката со која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го честита празникот на љубовта и виното, Св. Валентин и Св.Трифун.
Живееме во непредвидливо време. Време на пандемија на Ковид 19 но и време на пандемија на сообраќајни незгоди во кои повеќе од 1.3 милиони луѓе во светот годишно го губат животот, а околу 50 милиони се потешко или полесно повредени.
Во оваа тешко време, секој од нас, повеќе или помалку, почнува да сфаќа дека суштината на животот не е во секојдневната трка со времето, секојдневната потрага по пари и дека животот не е бескомпромисна борба во која мора да се успее, прегазувајки ги сите хумани и цивилизациски вредности.
Животот е нешто сосема друго. Животот е љубов, другарство, почитување, солидарност, толеранција…. Животот го сочинуваат луѓето и нештата кои секојдневно ве опкружуваат, кои ве прават среќни и кои ви даваат позитивна енергија и сила да успеете во тоа што го работите.
Св. Валентин или Св.Трифун, денот на љубовта и виното, е денот кога треба да застанете и да размислите што ви нуди животот, што ви нуди љубовта, што е тоа што ве прави среќни и задоволни.
Св. Валентин или Св.Трифун е денот кога треба да размислите дали вреди да ги жртвувате сите убавини и радости кои ги носи животот само затоа што сакате да возите под дејство на алкохол, затоа што сакате да „беснеете“ по улиците, затоа што се срамите да ставите појас, затоа што сакате да се „сликате“ додека возите, затоа што сакате да се „покажете“ пред другите, затоа што возите без возачка дозвола…..
Лажат или не знаат тие кои што велат дека возат и се тркаат по улиците за да го подигнат адреналинот затоа што животот се живее само еднаш. Не, за жал само еднаш се умира, а животот, со сите негови убавини, се живее секој ден.
Размислете, што е тоа што вреди, а што е тоа што не вреди. Размислете за вас и за вашите најблиски, најсакани и најмили. Размислете што е тоа што вас и вашите најблиски ве прави среќни, весели и радосни.
По повод празниците Св. Валентин и Св.Трифун, РСБСП уште еднаш потсетува:
Не дозволувајте поради една лоша одлука или лоша навика да предизвикате сообраќајна незгода со која ќе го загрозите сопствениот живот или животот на некој друг. Последиците од сообраќајните незгоди се трајни и болат засекогаш. Младоста оправдува многу нешта, но не и загубите и болката предизвикана од сообраќајните незгоди.
РСБСП им го честита Св. Валентин и Св.Трифун на сите млади, на сите заљубени, на сите кои сакаат да прослават, кои веруваат во овие празници и кои ги почитуваат позитивните и убавите нешта во животот и ги повикува сите заеднички да го прославиме празникот на љубовта и виното со тоа што ќе испратиме емотивни и едукативни пораки и совети до своите најмили:
Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот!
За нас и нашата љубов, раскини му на алкохолот и брзото возење!
Срце си што никогаш не возиш пијан. Среќен празник!
Во име на нашата љубов, биди внимателен секогаш кога седиш зад воланот!
За тие што ги сакаш, и тие што те сакаат, гушни го појасот и почитувај ги сообраќајните правила и прописи!
Испратете некоја од наведените пораки до вашиот сакан/а. Можеби на тој начин ќе му го спасите неговиот живот или животот на некој друг.
РСБСП: Среќен, Св. Валентин и Св.Трифун ! Возете одговорно!