Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи оствари телефонски разговор со неговиот хомолог од Република Чешка, министерот Томаш Петжичек.
Главниот акцент во разговорите на Османи и Петжичек беа следните чекори на европскиот пат на нашата земја, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, на состанокот стана збор и за севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на регионалните, а пред се на добрососедските односи.
„Поддршката на Чешка е гласна и принципиелна. Се согласивме дека патот до ЕУ треба да биде преку прогрес, а билатералните спорови не треба да бидат пречка, туку причина плус за европската интеграцијата“, истакна Османи.
Министрите Османи и Петжичек се осврнаа и на билатералната соработка, а беше нагласена и потребата за поголема динамика во меѓусебните економски и трговски односи.
Денешната средба меѓу Османи и Петжичек доаѓа два месеци по нивната средба во Прага, во рамките на дипломатската турнеја на министерот Османи низ земјите-членки на Европската Унија и неговите напори преку континуиран политички дијалог и соработка да го афирмира прогресот на земјата и потребата од ефектуирање на мартовската одлука за старт на преговорите со ЕУ.
.