Здружението Агора -Центар за промовирање граѓански вредности, во текот на 2019 година направило анализа од родов апсект на имињата на улиците кои се надлежност на градот.
Во поглед на тоа Агора ја потсетува локалната власт да не заборави на родовата еднаквост при повторнота дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје.
„Имено, досега од вкупниот број од 156 улици под надлежност на Град Скопје повеќето од половина, 91 улица или 58 проценти, се именувани по личности. Од тие личности пак, 87 се имиња на мажи или 96 проценти, и четири се имиња на жени или само четири проценти.
Агора ги анализираше 156-те магистрални и собирни улици, 13-те плоштади и 8-те мостови кои се под надлежност на Град Скопје. Од сите овие јавни простори вкупно пет женски имиња се искористиле за именување во градот. Најчестото женско име е она на Мајка Тереза, кое е искористено и за мост и за улица и за плоштад, а другите четири застапени имиња се: Богородица, Индира Ганди, Боца Иванова и Депа Кавајова.
Имињата кои се даваат на главните, односно поголемите улици во Скопје и клучните јавни простори ни кажува многу за тоа кои се луѓето и настаните кои нашето општество сака да ги запомни и како гледаме на родовата еднаквост. Тоа е причината поради која новите власти честопати ги менуваат имињата на јавните простори кога ќе дојдат на власт па така именувањето на јавните простори станува поле за борба меѓу идеологии. Во Скопје имињата на јавните простори се менуваа неколкупати досега.
Ако се погледне историски, 55% улиците под Град Скопје се имиња од периодот пред Втората Светска Војна, додека 45% се имиња од Втората Светска Војна, односно од НОБ. Само 2 улици се од периодот по независноста – „8-ми септември“ и „13-ти август Охридски договор“, стои во реакцијата на здружението Агора.