Во рамки на пресудата за случајот „Монструм“, судот ги осуди сите обвинети за монструозното убиство кај Смилковското езеро во 2012. година.
Обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаилковиќ се осудени на доживотен затвор. Во продолжение на тоа, Хаки и Фејзи Азири се осудени на 9, односно 15 години затвор, сметајќи го и времето минато досега во затворска ќелија, додека пак за обвинетиот Сами Љута е одбиено обвинението, поради откажување на Обвинителството од негово гонење во овој случај.
Обвинителката Фатиме Фетаи, истакна дека генерално е задоволна и според неа обвинетите добиле соодветна санкција од страна на судот.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, смета дека во овој случај има спрега, и посочи дека за обвинетите ќе се огласи откако ќе почне, како што посочи, да владее правото во С.Македонија.
За потсетување, во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.