Франција: Најголем број новозаразени од ноември минатата година

од Vladimir Zorba
178 прегледи

Во изминатите 24 часа во Франција беа регистрирани уште 31.519 нови случаи на инфекција со коронавирус, што е најголем број за еден ден од ноември минатата година.

Институтот за јавно здравје изјави дека уште 277 лица починале како резултат на инфекцијата, со што вкупниот број се зголеми на 85.321.

Од почетокот на пандемијата на коронавирус, 3.661.410 лица биле позитивни.

25.614 лица се лекуваат, од кои 3.436 се на единиците за интензивна нега. Со 1.367 закрепнати во изминатите 24 часа, 253.450 луѓе ја добија битката со коронавирусот од почетокот на пандемијата.

Според Министерството за здравство, повеќе од 2,6 милиони луѓе се вакцинирани против КОВИД-19.

Францускиот министер за здравство, Оливие Веран изјави дека поради зголемувањето на бројот на случаи со коронавирус во градот Данкирк, тој ќе воведе целодневен полициски час на најмалку две недели.

Веран изјави дека продажбата и консумирањето алкохол на јавни места е забрането во градот.

Портпаролот на француската влада Габриел Атал по состанокот на Советот на министри изјави дека здравствената состојба во земјата е влошена и е многу загрижувачка во околу 10 региони.

Во градовите Ница и Кан, одлучено е да се воведе полициски час најмалку две недели.