Под мотото „Слобода, правда и демократија – Стоп на монтираните случаи“ почна денешниот протест на членови на семејствата и поддржувачи на казнетите во, според нив, судските монтирани случаи „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други судски случаи.
Протестот почна од паркот во Чаир и учесниците во протестот продолжија да маршираат маршираат кон судовите, а планирано беше протестот да заврши пред Влада, каде се очекуваа и изјави за медиумите. Но полицијата не им дозволи на учесниците на протестот да се упатат кон судовите и тие своите изјави почнаа да ги даваат пред Мавровка.
Учесниците на протестите предизвикаа тензии и фрлаа со предмети кон полицискиот кордон кој не им дозволува да продолжат со маршот кон Основниот суд во Скопје и кон Собранието. Има и повредени од двете страни, при што интервенираше и Брзата помош.
Само 15 минути по првиот напад врз полицискиот кордон, дел од толпата на протестот започна нов обид за пробивање на полицискиот ѕид. Повторно дел од помладите учесници ја нападнаа полицијата, беше возвратено со палки и нападот беше одбиен. Се слушаат полициски сирени. Еден од полицајците излезе од кордонот полеан со бела боја. Влијателни личности од политиката и јавниот живот на Албанците повикуваат толпата да се врати назад кон Чаир. Дел се враќаат, дел се обидуваат повторно да ја нападнат полицијата.
Забележливо е дека бројот на учесниците во протестот се зголемува.
Според бројот на специјалната полиција, може да се заклучи дека наредбата е дадена да не се дозволи протест пред Кривичниот суд, како и пред Владата, каде е планирано да финишира протестниот марш.