За време на нападот од страна на американските воздушни сили врз Сирија, девет објекти беа целосно уништени, а два делумно, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби. Тој додаде дека целите биле избрани внимателно и прецизно, и така биле извршени нападите.
„Два авиони Ф-15 испукаа седум прецизни проектили и целосно уништија девет објекти, а два делумно, што го оневозможува нивното функционирање“, изјави Кирби пред новинарите.
Според прелиминарните податоци, рече тој, има повредени лица во нападите, но тој не даде конкретни информации бидејќи проценката за операцијата се уште трае.
Кирби додаде дека целите се избрани многу прецизно и дека ударите се исти.
„Очигледно, целта на нападот беше, пред сè, да се спречат нападите во иднина, и второ, да се стави до знаење дека Америка ќе го заштити својот народ. „Овие цели беа избрани многу внимателно и прецизно, и така беа извршени нападите“, рече Кирби, додавајќи дека станува збор за дефанзивна операција, имајќи предвид дека Пентагон знае за што служат тие објекти.
Претходно, Пентагон објави дека се уништени неколку инфраструктурни објекти на шиитските групи, кои се поддржани од Иран, поради воздушниот напад врз Сирија.
Како што беше истакнато, тој потег е одговор на неодамнешните напади врз американските и коалициските сили во Ирак.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека американските војници се потпираат на разузнавачките информации на ирачката страна и дека се сигурни во точноста на нападот. Според „Вашингтон пост“, во нападот загинале неколку лица.
Реагираше и официјална Москва. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги критикуваше САД за фактот дека американската армија ја предупреди Русија за претстојниот напад врз Сирија само четири или пет минути порано. Русија исто така предупреди дека ваквите напади можат да доведат до големи судири во целиот регион.