Европската комисија бара сите страни да се однесуваат конструктивно и да не внесуваат политика, кога станува збор за пописот и изјавите на бугарскиот претседател, пренесе МИА од Брисел.
Политичкиот врв во С.Македонија, Владата и претседателот ги оценија како неоправдани притисоците наметнати од страна на бугарскиот претседател Радев кој покрена иницијатива за свикување состанок на безбедносните служби за наводно непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во Северна Македонија непосредно пред пописот.
Од Европската Комисија ја охрабруваат Северна Македонија да го спроведе пописот во согласност со сите европски стандарди и регулативи, вели за МИА портпаролката Ана Писонеро.
„Северна Македонија се охрабрува да спроведе попис во согласност со европските стандарди и регулативите на ЕУ како дел од претпристапните подготовки и Евростат постојано го поддржува Државниот завод за статистика да ги усогласи статистиките со стандардите на ЕУ. Пописот треба да остане статистичка операција, а не политичка, и ги повикуваме сите кои придонесуваат за пописот да го прават тоа на конструктивен начин“, истакна Писонеро.