Општина Аеродром го одбележа Меѓународниот ден на енергетска ефикасност

307 прегледи

Денеска е Светскиот ден на енергетска ефикасност и добар повод да се потсетиме што и колку енергетската ефикасност значи за нашата општина.

За ефикасно користење енергија во Општина Аеродром говорат многубројните проекти спроведени досега, но и планирани за претстојниот период. Ги заменивме прозорците на училиштата, детските градинки и спортските сали, доделивме субвенции за печки на пелети, инветер-клими и за чистење оџаци.

Ги заменивме старите линии за јавно осветлување со нови енергетско-ефикасни и поставивме соларен систем во градинката „Бамби“ како грант од проектот „Енергијата вреди и затоа треба да се штеди“, што ѝ овозможува на градинката да заштеди дури 65 отсто енергија. Го променивме системот за греење и котелот за нафта го заменивме со печка на пелети во ПОУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче во соработка со Бирото за регионален развој.

Во рамките на зелената агенда на Општина Аеродром преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ што е во тек, стотина жители на населбата Лисиче ќе добијат по 10 000 американски долари во денарска против вредност, со цел да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови. Исто така, во Општина Аеродром се изготвени проекти за поставување фотоволтаици на покривите на сите основни училишта, а е изработена и тригодишна програма за енергетска ефикасност 2021-2023.

Оваа програма опфаќа енергетска контрола на сите објекти што се под Општина Аеродром, односно за секој објект на детските градинки и училиштата е изготвен сертификат и тие добиваат енергетски пасош. Општина Аеродром веќе една година е вклучена и во проектот „Риплејс“ што е финансиран од Програмата за истражување и развој на Европската унија „Хоризонт 2020“. Овој проект има цел преку различни кампањи и размена на знаење и демонстрација на предностите на ефикасни системи за греење да ги мотивира луѓето да ги сменат своите стари, неефикасни системи за греење со зелени алтернативи.

Согласно со стратегиската платформа за локален економски развој 2021 – 2025 на Општина Аеродром, се планира проект за енергетска ефикасност „Замени!“ и заедно со заедниците на станари ќе се заменуваат неефикасните системи за греење и ладење, енергетски ефикасни фасади, како и промена на покривите. Овој проект е планирано да се реализира преку активно партиципирање на Општина Аеродром во EU UrbanMobility програмата.

Продолжуваме да работиме на унапредување на концептот на енергетска ефикасност.

Слични содржини