И за време на полициски час жртвите на родово базирано или семејно насилство ќе може да пријават на 192, СОС-линиите, во центрите за социјална работа или најблиската полициска станица, порача Министерството за труд и социјална политика.
Министерството известува дека жртвите на семејно насилство, кои имаат потреба од помош, поддршка и заштита од семејно насилство, најпрвин да се јават на националната бесплатна мобилна СОС-линија за жртви на семејно насилство 070/075/077 141 700, која обезбедува 24-часовна точна, навремена и доверлива информација за заштита на жртвите, достапните услуги и телефонско советување на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство или да побара помош на мобилната апликација BE SAFE.
Апликацијата за помош и поддршка на жртвите на насилство „Биди безбедна“ е достапна на три јазици: македонски, албански и ромски. Преку оваа апликација жртвите на семејно и родово базирано насилство брзо и едноставно може да побараат помош и поддршка, без разлика на времето и местото на кое се наоѓаат кога се во опасност или кога сакаат да имаат потреба од поддршка.
Преку следните линкови може да ја преземете апликацијата на секој паметен телефон.
Хуавеј: https://appgallery.cloud.huawei.com/ag/n/app/C103316455locale=en_US&source=appshare&subsource=C103316455
Андроид: https://play.google.com/store/apps/details?id=budi.sigurna.mk&hl=en_US
Apple: https://apps.apple.com/us/app/%D0%B1%D0%B8%D0%B4%D0%B8-%D0%B1%D0%B5%D0%B7%D0%B1%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%B0/id1536775532#?platform=iphone
Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка. Сите што сакаат да пријават насилство тоа треба да го сторат и за тоа не им е потребна посебна дозвола. Тие непречено може да се движат до најблиската полициска станица.
Владата донесе одлука за забрана за движење на населението во временски период од 22 до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од вечерва, па сè до 22 март 2021 година (понеделник).