„Во случај да некој се сомнева за причините зашто институциите молчат на соопштенијата за јавност што ги споделуваме со медиумите, би сакале преку еден случај на давање кредит да потсетиме за КРИМИНАЛОТ во Еуростандард банка“, соопштуваат Оштетените штедачи.
„Имено, Вадрамини Инженеринг дооел од Струмица е фирма која должи околу 600 илјади евра до денот на затворање на Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма има земено кредит во 2018 година. Од тогаш до сега нема платено ниту една рата, ниту еден денар. А има запишано хипотека на друг недвижен имот во износ од околу 33 илјади евра. Или обезбедување речиси дваесет пати помало од земениот кредит.
Фирмата е основана во февруари 2016 година со непаричен влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Горан Минков, кој е и единствен вработен во оваа фирма. Во 2018 година, тогаш кога е земен кредитот, фирмата имала околу 35 илјади евра приход и загуба од 7 илјади евра. Според билансите, обврските на фирмата биле околу 900 илјади евра, додека фирмата имала негативен основен капитал во минатите години. Со задолженост од над 100 отсто, фирмата плива во долгови. На сето тоа, фирмата сега должи и повеќе од 7 илјади евра на Управата за јавни приходи.
Кој потпишал и одобрил кредит на оваа фирма? Капацитетот на фирмата во изминатите години е да генерира годишен приход од 30 до 40 илјади евра, а постојано правела загуби. Како оваа фирма земала кредит од фантастични 600 илјади евра, за што има обезбедување 20 пати помало од висината на кредитот? Фирмата била и презадолжена за да земе кредит. Дали има некои критериуми од кредитната политика на банката кои се испочитувани? Дали некој ги видел интерните политики и процедури за кредитен ризик и одлуката за управување со истиот? На основа на што е одобрен овој кредит?
Фирмата ниту имала обезбедување ниту била бонитетна. Ни од далеку немала капацитет да го враќа кредитот. Била високоризична за соработка. Не платила ниту една рата повеќе од две години пред да се затвори банката. Кредит даден за да не се врати. Чист криминал.
За да се случи оваа криминална зделка, некој од Еуростандард банка требало да потпише и одобри, сопственикот Горан Минков да ги земе парите и да постапува понатаму со нив како што претходно договорил, додека гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и нејзиниот прв тим во Народна банка слепо гледале, молчеле и го дозволиле овој криминал. Како гувернерката Бежоска го оценила кредитниот ризик на оваа фирма?
Што направила гувернерката Бежоска за да го спречи овој криминал? Наместо да му ја одземат, во 2018 година му ја продолжиле лиценцата за работа на директорот на Еуростандард банка Николче Петкоски.
Криминалот и корупцијата не се само во редовите на раководните лица на Еуростандард банка. Во овој криминал соучесник е и сопственикот и управител на Вадрамини Инженеринг. Свесно земал кредит на вересија, којшто ниту можел да го врати ниту пак платил рата со години. Земал туѓи пари кои не ги вратил, односно ги украл. А сето тоа некој му го дозволил. Тој некој е гувернерката Бежоска која е соучесник во оваа криминална зделка.
Вакви и слични случаи во ограбената Еуростандард банка има многу. Интересни имиња, некои познати ликови, шоумени, бизнисмени, аналитичари, адвокати, браќа и сестри на високи функционери во државава, разни манипулатори и измамници. Имаме што да кажеме и да покажеме“, додаваат оттаму.