Министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето на КТВ истакна дека се зголемуваат платите на судската полиција, а најави дека припадниците на затворската полиција ќе добијат и нови работни униформи. Тој објави дека веќе го потпишал правилникот со кој припадниците на затворската полиција ќе добијат соодветна модерна униформа.
– По многу протести и барањата, кои траеја со години, минатата недела конечно го решивме проблемот со платите на судската полиција. Овие службеници ќе добијат зголемување од 8 отсто до 18 отсто. Тоа значи дека некои, ќе добијат зголемување за речиси една петина. Ова прв пат се прави и навистина сум задоволен што го решаваме овој проблем. Од друга страна, следуваат и нови униформи за затворската полиција, кажа Маричиќ.
Со зголемувањето на платите се решава долгогодишниот проблем на овие службеници, кои бараа зголемување, а потпишувањето на правилникот е резултат на повеќемесечните преговори меѓу синдикатите и Министерството за правда.