Следејќи голем број европски земји, Германија исто така ја прекина вакцинацијата со вакцината против коронавирус на „АстраЗенека“.
Федералното Министерство за здравство објави дека федералната влада, по препорака на Институтот „Пол Ерлих“ (ПЕИ), превентивно ја прекинала вакцинацијата се додека не се испитаат сомнителните случаи на тромбоза евидентирани кај пациенти по вакцинирањето со оваа вакцина, пренесуваат германските медиуми.
Вакцинацијата со оваа вакцина е привремено прекината во неколку европски земји, вклучувајќи ги Холандија, Ирска, Данска, Норвешка и Исланд, додека Италија и Австрија одлучија привремено да ја прекинат употребата на одредена серија.
Денешната одлука на Германија ја критикуваше Карл Лаутербах, здравствен експерт од редовите на СПД и член на Бундестагот.
– Врз основа на достапните податоци, верувам дека оваа одлука е погрешна. Дополнителни испитувања без суспензија на вакцини ќе биде подобра одлука поради ретката појава на тешки компликации. Во третиот бран, кој сега се забрзува, првата вакцинација со вакцината на „АстраЗенека“ би спасила многу животи – напиша тој на Твитер.