100 милиони работници ќе треба да бараат нова работа во западните земји

од Vladimir Zorba
260 прегледи

Промените што ги донесе панемијата на коронавирус на глобалниот пазар на труд, исто така, ќе значат дека стотици милиони луѓе во западните земји ќе мораат да се преквалификуваат, со оглед на тоа што нивните сегашни занимања можеби нема да бидат потребни наскоро.

Според Ројтерс, коронавирусот го преобликува европскиот пазар на труд и мотивира некои работници да ја сменат професијата затоа што е под знак прашалник дали ќе има потреба од нив во блиска иднина.

Автоматизација и интернет

Европскиот модел на испраќање работници на принуден одмор додека економските активности се затворени за борба против ширењето на инфекцијата резултираше со помал раст на невработеноста отколку во САД. Сепак, добар дел од работниците се плашат што ќе се случи по повторното отворање на економијата.

Проценките на консултантската фирма McKinsey велат дека во развиените економии околу 100 милиони работници ќе мора да го сменат занимањето во следните 10 години. Тоа е 25% повеќе работници од проценките објавени пред избувнувањето на пандемијата на болеста КОВИД-19.

Предизвик претставува и поголемата автоматизација и употреба на Интернет во работата, што значи дека работниците ќе мора да ги подобрат своите постојни ИТ вештини со брзина што сè уште не е забележана во минатото.

Во овој контекст, вработените имаат поголема предност затоа што имаат пристап до внатрешна обука во рамките на компаниите во кои работат. Чешката конфедерација на работодавачи и здруженија на бизнис очекува дека само оваа година бројот на учесници на курсевите за преквалификација ќе скокне за 10 пати.

„Потребата за преквалификација ќе расте кога пандемијата ќе ја забрза потребата на компаниите да се прилагодат“, објаснува Јан Виснер, претседател на здружението. Помалку образованите работници и оние кои работат во сектори, особено погодени од пандемијата, како што е угостителската индустрија, честопати се недоволно застапени меѓу учесниците во преквалификација, рече Барбара Герстенбергер, директор за работа во даблинската организација Eurofound, која работи на подобрување на условите за живот и работа во Европска унија.

Поради оваа причина, младите и жените ќе се чувствуваат значително понегативно погодени од промените на пазарот на трудот што ги донесе пандемијата, додава Герстенбергер. Ова значи дека кога повторно ќе влезат на пазарот на трудот ќе им биде тешко поради потенцијалниот недостаток на нови вештини.

„Додавањето нови вештини и преквалификација е исклучиво на нив, и тоа ќе доведе до долгорочни последици“, смета Герстенбергер. Економски гледано, многу нешта се доведени во прашање.

Имено, земјите што ќе можат подобро да управуваат со оваа промена би можеле да стекнат конкурентска предност во однос на другите.

Германски предности

Енцо Вебер, експерт за пазарот на трудот во германскиот тинк-тенк IAB, проценува дека најголемата економија во Европа ќе излезе од корона-кризата во релативно добра форма. Најмногу заради добро воспоставениот систем на дополнително образование и стручна обука и развиениот модел на обука во рамките на компаниите.

„Сепак, тоа функционира ако компаниите не пропаднат и имаат јасен поглед на тоа каде оди нивниот бизнис. Ако компанијата се најде во неволја, една од првите работи што ќе ја намали ќе биде стручно оспособување“, вели Вебер.

Истражувањето на IAB спроведено минатата година покажа дека само 5 проценти од работниците на принуден одмор во Германија се во некоја програма за преквалификација или стручна обука.

Ова сугерира дека повеќето компании веруваат дека можат да продолжат со сегашниот деловен модел откако ќе помине кризата, проценува IAB.

Дури и пред ковид-кризата, Европа заостануваше во дигиталната економија. Извештајот на Европскиот суд за ревизори објавен во февруари покажа дека една третина од работната сила на ЕУ нема дури ни основни вештини во оваа област. Брисел се надева дека дефицитот ќе биде ублажен со пари од фондот за обновување од 750 милијарди евра.

Основан со цел да генерира дополнителни два процентни поени на економски раст во еврозоната до 2026 година, една од амбициозните цели на фондот е 120 милиони возрасни Европејци годишно да посетуваат некоја форма на доживотно образование.

Слични содржини