Турската полиција уапси прокурдски пратеник, часови откако му беше одземен имунитетот

од Vladimir Zorba
284 прегледи

Турската полиција утрово го уапси прокурдскиот пратеник Омер Фарук Гергерлиоглу во просториите на парламентарниот клуб на неговата партија, каде тој протестираше четири ноќи, бидејќи му беа одземени статусот на пратеник и имунитетот.

Седиштето на Народната демократска партија објави дека Гергерлиоглу е уапсен во Анкара, во пижами и влечки, непосредно пред утринската молитва, пренесе Ројтерс.

Народната демократска партија е трета по големина политичка партија во Турција, која веќе неколку години се соочува со притисок од властите.

Тие притисоци кулминираа минатата среда, кога главниот турски обвинител одлучи да и забрани да дејствува поради нејзините наводни врски со курдските екстремисти, кои партијата ги негира и ги нарекува „политички удар“.

Само неколку часа пред апсењето на Гергерлиоглу, турскиот парламент му го одзеде имунитетот поради претходните обвинувања за ширење терористичка пропаганда со објавување на информативни врски на неговиот профил на Твитер.

Покрај тоа, властите го обвинуваат за директно изразување поддршка на основачот на Работничката партија на Курдистан, Абдула Очалан, кој е во затвор од 1999 година.

Работничката партија на Курдистан е прогласена за терористичка организација во Турција.

Слични содржини