Здружението за човекови права Вијасна-96 објави дека најмалку 45 лица биле приведени на демонстрациите на покана на опозицијата.
Белоруските безбедносни сили приведоа десетици луѓе во четвртокот на демонстрациите против претседателот Александар Лукашенко со барање за негова оставка.
Здружението за човекови права Вијасна-96 (Пролет-96) објави дека најмалку 45 лица биле приведени на демонстрациите на повик на опозицијата, пренесува Хина.
Во пресрет на демонстрациите по повод неофицијалниот „Ден на слободата“, полицијата распореди водени топови и возила во центарот на Минск.
Белорусија ја потресе политичката криза од претседателските избори на 8 август, на кои долгогодишниот претседател Лукашенко (61) прогласи победа со 80,1 процент од гласовите.
Изборите се сметаа за наместени и тие предизвикаа неколкумесечни масовни демонстрации, со многу убиени и над 30.000 приведени.
Владата „ќе одговори на демонстрациите“
Одбележувајќи ја годишнината од Белоруската декларација од 1918 година, кога земјата накратко уживаше независност од Русија, лидерот на опозицијата Светлана Тихановска, која моментално е во егзил во Литванија, на Твитер напиша „сите белоруски пријатели да се солидаризираат со Белорусија на маршот на Денот на слободата на 25 март“.
Владата соопшти дека ќе одговори на демонстрациите, а министерот за внатрешни работи Николај Карпенков рече дека „брзо ќе се справи со непријателите на земјата“.
Лукашенко ја држи власта благодарение на руската дипломатска поддршка, која според западните дипломати ја смета Белорусија како своевидна тампон-зона кон НАТО.
Белорусија граничи со Русија, Украина и членките на НАТО Литванија, Летонија и Полска.