Заглавениот „кит“ запира стока во вредност од 400.000.000 долари на час

од Nikola Popovski
463 прегледи

Секој час што големиот товарен брод „Евер Гиван“ го минува заглавен во Суецкиот канал ја чини светската економија 400 милиони долари.

Еден од најголемите бродови во светот, под налетот на песочна бура и силен ветер, заглави во вторникот меѓу двата брега на каналот, низ кој поминува третина од светската поморска трговија.

Не само што беа заробени 20.000 контејнери со стоки наменети од Кина да стигнат до Холандија, туку повеќе од 300 други товарни бродови чекаа ред зад гигантот долг повеќе од 400 метри.

Багери и сите светски познати компании кои се занимаваат со спасување бродови во текот на претходните денови, не успеаја да го извлечат овој брод и да го нормализираат сообраќајот.

Колку повеќе време ќе помине, пишува Тајм, толку потешко ќе биде затоа што плимата што може да помогне да се оддели бродот од брегот ќе трае само до почетокот на следната недела, а доколку „заглавениот кит“ не биде ослободен до четврток, предвидувањата се дека тоа би можело да трае и неколку недели.

Јапонската компанија „Shoei Kisen Kaisha“, сопственик на овој брод, издаде соопштение во кое вели дека ситуацијата е „исклучително тешка“ и се извинува што го предизвикала застојот.

„Продолжуваме да правиме се што можеме“, велат сопствениците на „Евер Гивен“, брод изграден пред три години. Сите членови на екипажот на бродот, од кои 25 главно се од Индија, се безбедни, рекоа тие.

Питер Бердовски, извршен директор на„Ројал Боскалис Вестминстер“, кој се обидува да го ослободи бродот, за холандските медиуми, како што објави „Њујорк Тајмс“, изјавил дека операцијата за спасување може да трае со денови, па дури и со недели и дека натоварениот Евер Гивен е како „многу тежок кит заглавен на плажа“.

Повеќе од 10 проценти од вкупната светска трговија поминува низ овој канал, а светската економија, без сомнение, веќе го чини овој инцидент повеќе од 30 милијарди долари.

Британското списание специјализирано за бродови, Лојдс Лист, пишува дека вредноста на стоката што поминува низ Суецкиот канал секој ден е околу 9,7 милијарди долари, од кои 5,1 милијарди одат на запад, а 4,6 милијарди долари е вредноста на стоката што се движи кон исток.

Слични содржини