Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги критикуваше развиените земји за прекумерното „складирање“ на вакцините и ги повика тие земји да ги дистрибуираат на остатокот од светот, додавајќи дека тоа е единствениот начин да се искорени епидемијата на коронавирус.
„Сметам дека неправедниот систем за дистрибуција на вакцини ширум светот е многу загрижувачки“, рече Гутереш во интервјуто емитувано денес од канадскиот телевизиски канал CBC.
Гутереш рече дека е во интерес на сите да се осигураат дека сите ќе се вакцинираат што побрзо и поправедно и додаде дека вакцините се сметаат за „глобално јавно добро“.
Шефот на ООН ги критикуваше богатите земји за „складирање“ на вакцини, надвор од потребите.
„Ги повикуваме развиените земји да споделат дел од вакцините што ги купија“, рече генералниот секретар на ООН, додавајќи дека многу земји обезбедиле повеќе вакцини отколку што им требаат.
На прашањето за можно усвојување пасош за вакцинација, Гутереш рече дека „треба да се одржи сериозна дискусија пред да се донесе каква било одлука за да се обезбеди правичност на мерката“.
„Најлошо би било некои земји да имаат (пасош), а други не. Би било поразително ако тоа значи дека луѓето ќе можат да се движат во развиениот свет, но не и во светот во развој“, предупреди тој.