Американскиот претседател Џо Бајден нема намера да се состане со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, изјави во понеделникот портпаролката на Белата куќа.
На прашањето дали дипломатскиот пристап на Бајден кон Северна Кореја би вклучувал „седење со претседателот Ким Јонг Ун“, како што тоа го стори поранешниот претседател Доналд Трамп, Џен Псаки рече: „Мислам дека овој пристап ќе биде нешто поразличен и тоа не е неговата намера“.
На првата прес-конференција во Белата куќа откако ја презеде функцијата во четвртокот, Бајден рече дека неговото главно надворешно-политичко прашање е Северна Кореја.
Тој рече дека е подготвен за „некаква дипломатија“ со таа земја, но дека „таа мора да биде условена од резултатот на денуклеаризацијата“.
Пјонгјанг сака Соединетите држави и другите земји да ги олеснат економските санкции воведени врз земјата поради нејзината програма за развој на нуклеарно оружје.
Американски претставници на новата администрација изјавија дека се обиделе да воспостават дипломатски контакт со Северна Кореја, но не добиле одговор.