Избрани се првите три наградени идејни решенија за проектирање управна (општинска) зграда на Општина Аеродром.Комисијата, составена од претседателот проф. д-р Страхиња Трпески, членовите Дејан Чадиќ и Зоран Пауноски, ги избраа првите три идејни решенија од вкупно 22, што пристигнаа на објавениот конкурс, соопштија од Општина Аеродром.
Овие три наградени решенија ќе добијат парични награди во висина од 300 000 денари за прво место, 100 000 денари за второ место и 50 000 денари за трето место.
„Општина Аеродром по 16 години постоење, конечно ќе добие своја зграда. Тоа е од исклучително значење затоа што со нејзината изградба веќе нема да се плаќа висок месечен наем, а исто така и аеродромци ќе добијат пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги. Зградата ќе биде нова препознатлива точка отворена за сите и ќе претставува нов дом на сите аеродромци“, порача градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Тој додаде дека новата зграда има цел да ги зближи аеродромци, преку отвореност, комуникација и динамична атмосфера со која се создава чувство на заедништво.
Зградата, покрај административниот дел, ќе содржи и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интрегрирана подрачна единица и други простории што ќе бидат отворени за граѓаните.