Со оглед на тоа дека вакцините се единствената алтернатива за пандемијата на коронавирус, тие не смеат да се претворат во политичко прашање, рече министерот за надворешни работи на Унгарија Питер Сијарто на прес-конференцијата што ја одржа со генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Адан Гебрејезус денес во Женева.
Светот очигледно бележи експоненцијален раст на случаи на ковид-19 и редовно појавување на нови верзии на вирусот, рече Сијарто, нагласувајќи ја потребата за забрзување на вакцинацијата, објави МТИ.
Тој ја пофали СЗО што не ја третира вакцината како идеолошко прашање, проценувајќи дека оние кои вакцинирањето го претворија во идеолошко прашање во Брисел практично предизвикаа смрт на луѓе, инсистирајќи да ја забават вакцинацијата и да ја поткопаат подготвеноста на јавноста да се имунизира, пренесува „Танјуг“ .
Шефот на унгарската дипломатија посочи дека Унгарија ќе има сопствено производство на вакцини против коронавирус до крајот на 2022 година.
Тедрос изјави дека СЗО ќе ја поддржи Унгарија во градењето на сопствените капацитети за производство на вакцини.