Лавров: Односите со Западот го достигнаа дното

од Vladimir Zorba
171 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави денес дека односите на Москва со Соединетите држави и нивните сојузници „го достигнале дното“ и дека не е утврден датум за враќање на рускиот амбасадор во Вашингтон.

Русија го отповика амбасадорот Анатолиј Антонов од САД откако американскиот претседател Џо Бајден, во едно интервју, меѓу другото, потврдно одговори на прашањето дали го смета рускиот претседател Владимир Путин за „убиец“.

Денес Лавров ги нарече коментарите на Бајден за Путин „страшни“ и додаде дека тие ја принудиле Москва да ги разгледа односите со Вашингтон.

Шефот на руската дипломатија изрази жалење и за американското одбивање на понудата на Путин за Вашингтон да организира јавен разговор меѓу двајцата претседатели со цел да се намалат тензиите поради коментарите на Бајден.

„Конфронтацијата го достигна дното. Но, од друга страна, постои надеж дека сите се возрасни кои ги разбираат ризиците поврзани со поттикнување дополнителни тензии. „Се надевам дека здравиот разум ќе надвладее“, рече Лавров.

Лавров изјави дека Путин ќе одлучи кога Антонов ќе се врати во Вашингтон.

Во ТВ-интервју, Бајден, исто така, рече дека деновите кога САД „му се покоруваа“ на Путин завршиле и ја опиша разликата помеѓу неговиот и пристапот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој избегнуваше директен конфликт со рускиот лидер и често за него зборуваше афирмативно.

Администрацијата на Бајден предупредува дека наскоро ќе воведе санкции за Русија поради масовните хакерски напади и обидите на Москва да влијае на претседателските избори во ноември 2020 година, со цел да му помогне на Трамп да биде реизбран.

Односите на Русија со САД и ЕУ паднаа на најниско ниво од крајот на Студената војна во 2014 година, по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Односите останаа многу лоши поради руското мешање во изборите во Америка, обидите за хакерски напади и неодамна поради труењето и затворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.