Екипа на холандскиот товарен брод „Емслифт Хендрика“ е евакуирана од брегот на Норвешка по невремето, оставајќи го напуштениот пловен објект во опасност да потоне, соопштија денеска локалните власти.
Тоа се случи во понеделникот вечерта, а видеото објавено од Норвешкиот центар за координација за спасување покажа како некои од 12-те членови на екипажот скокнале во океанот пред да бидат спасени од хеликоптер, пренесува Ројтерс.
Ханс Питер Мортенсон од норвешката крајбрежна стража изјави дека другите членови на екипажот биле спасени директно од палубата и донесени на сигурно, и дека бродот се наоѓа на околу 130 километри од брегот во Северното море и се заканува дека ќе потоне.
Според него, главниот мотор на бродот бил исклучен во текот на ноќта и тој сега плови кон копното.
„Постои ризик да се преврти и потоне“, рече Мортенсон, додавајќи дека тоа може да предизвика излевање на дизел и мазут од резервоарите.
Бродот е изграден во 2015 година и е регистриран во Холандија, долг е 111,6 метри и е наменет за транспорт на јахти.