Почина овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот. Тој имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома.
„Поради тешката состојба, немаше можност за операција и се чекаше подобрување по препишаната и аплицирана терапија. Утрово почина на одделот за хирургија“, објави телевизијата Телма, повикувајќи се на информации од штипската болница.
Не престанува притисокот во јавноста која бара одговорност од надлежните
Со големо жалење ја примив веста за смртта на повредениот овчар од кратовскиот регион, денеска се пратени дописи во кои побарав детални извештаи за случајот од градоначалникот на општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР, напиша на фејсбук вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски.
„Освен детални извештаи, за трагичниот настан од ЦУК и од МВР побарав да спроведат внатрешна контрола, за постапувањето на надлежните службеници за случајот. Човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување на човечки живот, секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност. Во вакви случаеви не постои фразата „не сме надлежни“, сите сме надлежни кога е во прашање човечки живот“, порача Николовски.
Неприфталиво и недозволиво е, додаде тој, во 21 век, да се носи човек на носилики, а институциите да не можат да детктираат како и на никој начин да се постапи во конкретни животозагрозувачки случаи. Тој најави итно лоцирање на одговорност, соодветни мерки, санкции и расчистување на случајот.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во интервју за ,,Утрински брифин” вели дека не чувствува лична одговорност, бидејќи премалку време е системот да се подобри.
Тој меѓудругото вели дека е назначен за директор на ЦУК токму за отстранување на овие системски недостатоци. Истакнувајќи дека се работи за системски проблем, Ангелот кажа дека Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување се две различни институции на кои им се преклопуваат нивните надлежности. Исто така, тој истакна дека од страна на Министерството за одбрана направена е административна работна група која треба да ги детектира слабостите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според сведоштвото на лекарот Зафиров, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, Противпожарната единица не можела да помогне, а од општината не одговарале на повиците. „Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег“, раскажа пред неколку дена Зафиров.