Покрај списокот на најбогати луѓе во светот, угледниот магазин „Форбс“ објави и список со десет градови кои имаат најмногу милијардери.
На прво место е Пекинг, кој има 100 милијардери, што е зголемување за 33 во споредба со минатата година, а нивната вкупна вредност е 484,3 милијарди долари, додека најбогат жител на кинеската престолнина е Џанг Џиминг со 35,6 милијарди.
Следи Њујорк, кој има 99 милијардери, што е зголемување за седум во споредба со минатата година. Вредноста на милијардерите во Њујорк е 560,5 милијарди, а најбогат е Мајкл Блумберг со 59 милијарди долари.
Третото место го држи Хонг Конг, кој има девет милијардери повеќе и сега има 80 милијардери, чија вкупна вредност е 448,4 милијарди, а најбогат е Ли Ка-Шинг со 33,7 милијарди.
Најбогатите луѓе на планетата го зголемија вкупното богатство за повеќе од 60 проценти во изминатите 12 месеци, според последната листа на „Форбс“ за најбогатите луѓе во светот, објавена денес.
На 35-тата листа на „Форбс“ има 2.755 милијардери, 660 повеќе од една година порано. Покрај имињата на кои веќе сме навикнати од светот на информатичките технологии, сега имаме и голем број нови милијардери, претежно од Кина и Индија, но и од нови области како што е трговијата со криптовалути.
Дури 86 проценти од сите милијардери се побогати отколку пред една година, а најголемиот процентуален добитник оваа година е од Кина. Според „Форбс“, на списокот има рекордни 493 новодојденци – што е практично еден нов милијардер на секои 17 часа, вклучувајќи 210 од Кина и Хонг Конг и 98 од САД.
Богатството на сите милијардери е зголемено во последните 12 месеци од пандемијата на коронавирус – седнете пред да ја прочитате следната бројка – за дури 5,1 трилиони долари или 5.100 милијарди долари.
Од 8.000 милијарди во 2020 година на дури 13.100 милијарди годинава!