Во Босна и Херцеговина, невработеноста во февруари 2021 година била поголема за скоро 2,0 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, поради намалената економска активност заради пандемијата, покажуваат податоците на Агенцијата за труд и вработување. Сепак, некои занимања „процветале“ во текот на годината на кризата.
Така, најбараните занимања во БиХ станаа доставувачите, возачите, кол-агентите, производствени работници и програмерите, но и занаетчиите, се наведува во извештајот на БХРТ.
Во текот на минатата година, компаниите кои се занимаваат со пратки во БиХ генерално работеле позитивно.
Зголемената потреба за поддршка на клиентите преку телефон и Интернет го промени пазарот на трудот, така што некои работни места се преселија во онлајн-сферата.
Зголемувањето на бројот на вработени во јуни 2020 година во споредба со просекот во 2019 година е забележано во областа на информациите и комуникациите за 3,2 проценти, што ги потврдува податоците за забрзаната дигитализација на деловните процеси во скоро сите области и зголемената побарувачка за ИТ услуги , заклучува босанската РТВ.