Иран започна да го збогатува ураниумот до чистота од 60 проценти во нуклеарната централа Натанц, изјави денеска претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф.
Тоа е досега највисоко ниво на збогатување на ураниум, пренесува агенцијата АП и потсетува дека таквата одлука е донесена само неколку дена по нападот на таа нуклеарна постројка, за што Техеран го обвини Израел.
Тој рече дека збогатувањето на ураниум започнало кратко по полноќ, пренесува „Танјуг“.
Шефот на иранската организација за атомска енергија, Али Акбар Салехи, исто така, најави почеток на збогатување на ураниум до 60 проценти, но одби да даде други детали.
Меѓународната агенција за атомска енергија ги испрати своите инспектори во Натанц претходно оваа недела, потврдувајќи дека Иран се подготвува да започне 60-процентно збогатување во надземниот објект на таа локација.