Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека не го видел „нон-пејперот“, кој наводно бил доставен до Брисел, и предвидува припојување на Република Српска кон Србија и на Косово кон Албанија.
„Не можам да се согласам со обединувањето на Косово и Албанија, мора да го почитувам територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, рече Вучиќ за Б92.
Посочи дека е за „постојните граници на Србија, со Косово и Метохија и со Босна и Херцеговина со Република Српска“.
„За нас најважно е мирот и целосната стабилност“, рече Вучиќ, додавајќи дека ова вклучува продолжување на преговорите со Приштина.
Словенечкиот премиер Јанез Јанша ги демантираше наводите на медиумите дека до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел доставил документ, со кој се предвидува прецртување на границите на Балканот.
Вучиќ рече дека на најавите на косовскиот претседател Вјоса Османи дека ќе ја тужи Србија за воена отштета, тој може само „кисело да се насмее“ и да праша „зошто сето тоа“.
Вучиќ во емисијата Фокус на телевизијата Б92 рече дека е „толку бесмислено и толку глупаво што едноставно нема зборови“.
Според него, ваквите најави доаѓаат од оние кои „незаконски започнаа да ја распарчуваат територијата на Србија“.
„Ние не сме биле секогаш цвеќиња, а дека виновни се само другите, но ако мислите дека постигнувате компромис на тој начин, јасно е дека не го сакате тоа, сакате тој замрзнат конфликт да остане“, рече Вучиќ.
Тој рече дека позициите на Белград и Приштина се „дијаметрални“, но дека тие ќе работат на приближување преку разговори во Брисел.
„Мислам дека е подобро да нема замрзнат конфликт отколку да има таков“, рече Вучиќ, додавајќи дека преговорите со Приштина нема да продолжат во Париз „туку во Брисел“.