Москва нема да дозволи Алексеј Навални да „умре во затвор“, нагласи рускиот амбасадор во Лондон во интервју за Би-Би-Си во неделата, во време кога приврзаниците на Навални се загрижени за неговиот живот, бидејќи тој е болен и штрајкува со глад.
„Навални се однесува како хулиган, но ние нема да го оставиме да умре во затвор. Тој само сака да привлече внимание, ако се однесуваше нормално, ќе имаше шанса да биде ослободен порано. Секако дека нема да дозволиме да умре во затвор, но можам да кажам дека Навални се однесува како хулиган, обидувајќи се да го прекрши секое утврдено правило“, рече амбасадорот Андреј Келин.
Тој го обвини лидерот на опозицијата дека „сака да привлече внимание“ со жалење „еден ден боли левата рака, а другиот левата нога“.
„Да се однесуваше нормално, веројатно ќе беше ослободен порано“, рече тој.
Вашингтон предупреди во неделата дека тоа ќе биде „последица“ за Русија доколку Навални умре, а за случајот ќе разговараат министрите за надворешни работи на ЕУ на состанок во понеделник.
Приврзаниците на Навални во неделата ги повикаа Русите да протестираат на 21 април и да побараат од властите „да му го спасат животот“.
Лекарите блиски до Навални во саботата рекоа дека се плашат дека неговото срце ќе „пропадне“ во секој момент.
Навални се врати во Русија во јануари по петмесечно закрепнување во Германија од труење за кое се обвинуваше Кремlin.
Веднаш беше уапсен и осуден на две и пол години затвор во стариот случај на измама, што го отфрли како политички мотивиран.